ППД Загреб испрати известување до медиумите дека натпреварот од Лигата на шампионите против Порто во Португалија е одложен. Соопштението го пренесуваме во целост:
Натпреварот од 12. коло од EHF Лигата на шампионите, кој требаше да се одигра во четврток (16.02) со почеток во 20:45 часот меѓу ППД Загреб и Порто во Португалија, е одложен до понатамошно известување.
Поради технички проблеми на аеродромот во Франкфурт, преку кој ракометарите и стручниот штаб отпатуваа за Португалија, а каде се уште се наоѓаат, во постојана комуникација со Европската ракометна федерација, одлучено е натпреварот да не се одигра, но ќе биде одложен за подоцнежен датум.
Експедицијата на ракометниот клуб ППД Загреб, која тргна во вторник во раните утрински часови, утре се враќа во Загреб.
Следниот натпревар на ППД Загреб е закажан за в сабота кога во рамките на второто коло од Премиер лигата на Хрватска гостува кај Горица.