Македонските млади кошаркарски репрезентативци дојдоа до првата победа на ЕП, дивизија Б, кое се игра во Скопје, откако вечерва лесно и убедливо ја совладаа Словачка (81-64).
Македонија овој пат не ја повтори грешката од дуелот против Чешка, кога загубивме по водство од 34 минути и по највисоки плус 15. Избраниците на селекторот Никола Василев и денеска тргнаа фуриозно и по пет минути веќе имаа двоцифрена предност (14-3) како најава на конечниот епилог. Тие од минута во минута ја зголемуваа позитивата, која во третиот период ја надмина границата од плус 20, по што беше јасно дека македонската чета останува во игра за пласман во вториот круг на второлигашкиот континентален собир за кошаркари до 20 години.
Теодор Симиќ со 16 поени и осум скока беше најдобар кај Македонија, додека зад него беа Андреј Шошкиќ со 10 поени и четири скока. Селекторот Василев одлично ја распредели минутажата со цел да не ги премори премногу носителите на играта, што се гледа од фактот што сите 12 кошаркари минаа најмалку 10 минути на паркетот.
Утре е слободен ден за нашите младинци, а в понеделник го играме клучниот дуел за пласман во нокаут фазата и тоа против Бугарија (18.30 часот).