Англија има моќна сениорска селекција , но светскиот фудбалски великан има светла иднина, откако младата селекција до 21 година е нов европски шампион после победата со 1-0 против Шпанија на младинскиот континентален шампионат во Грузија и Романија.
За Англија ова е прва европска младинска титула после 39 години, а вкупно трета, откако во 80-те, младите селекции на „Гордиот Албион“ освоија две европски титули. Англичаните до круната дојдоа без примен гол на целиот шампионат.
Јунак беше голманот Трафорд, младиот чувар на мрежата на европскиот првак Манчестер сити, кој во 97-та минута одбрани пенал, потоа уште еднаш запиша интервенција на одбиената топка, а Шпанија имаше и трет обид во истата акција по пеналот, но не ја погоди мрежата за да се спаси во последна секунда и да извади реми.
Претходно Кол Палмер погоди во втората минута од судиското надополнување во првиот дел за да донесе предност и тој погодок на крајот излезе дека е клучен за европската круна на младите Англичани, кои имаат низа извонредни фудбалери од оваа генерација, пред кои е светла иднина и кои ќе играат важна улога во најголемите премиерлигаши во иднина.