Играчот за врска на Барселона и холандски репрезентативец, Френки Де Јонг, е еден од оние кои би можеле да го напуштат клубот на лето доколку пристигне дарежлива понуда за Каталонците.
Минатото лето се споменуваше дека Жоан Лапорта нема да има ништо против да го продаде за цифра поголема од 60милиони евра, но дали тоа ќе се случи летово?
„Релево“ пишува дека Баерн Минхен повторно е заинтересиран за неговите услуги. За него интерес покажаа и претходната година, но знаеја дека операцијата е компликувана бидејќи Де Јонг ја сака Барселона и животот во тој шпански град, па затоа не е за промена на средината.
Во исто време, неговата плата за следната сезона се искачува на вртоглави 18 мил. евра поради клаузулата која вклучува лојалност, па работата на Баерн е уште потешка.
Јасно е дека Баерн ќе биде еден од водечките тимови во летниот преоден рок поради реконструкцијата која ја планираат. Нивниот буџет за нови засилувања е околу 150 милиони евра.