Бостон славеше на гостувањето кај Милвоки со 116-108 и израмни на 2-2 во полуфиналето на Источната конференција во рамки на НБА-плејофот.

Центарот Ал Хорфорд одигра натпревар како во своите најдобри денови и со 30 поени беше еден од најзаслужните за триумфот кај шампионот. Идентичен ефект во нападот имаше Џејсон Тејтум и придодаде 13 скока. Кај Бакс, очекувано најдобар беше Јанис Адетокумпо со 34 поени и 18 скока. Следниот петти натпревар се игра во Бостон.

 

Голден Стејт го победи Мемфис со 101-98 за водство од 3-1 во меѓусебната серија во Западната конференција. Тренерот на Вориорс, Стив Кер беше позитивен на Ковид-19 па мораше во изолација и тимот го водеше помошникот Мајк Браун. Стеф Кари го предводеше домашниот тим со 32 поени, Ендру Вигинс имаше 17, додека Клеј Томсон постигна 14. Кај Гризлис во отсуство на првата ѕвезда Џа Морант, кој е повреден, најдобар беше Џарен Џексон јуниор со 21 поен. Следниот петти натпревар се игра во Мемфис.