Македонската кошаркарска репрезентација го запиша третиот триумф во претквалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година. Нашите кошаркари лесно ја суредија Норвешка, во салата „26 април“ ја совладаа со убедливи 58-36 и ја продолжија победничката серија. На другата страна за противникот ова беше прв пораз, па сега Македонија е лидер во групата.
Војдан Стојановски и Бојан Крстевски беа лидери на теренот. Капитенот постигна 14 поени, додека пак искусниот центар запиша дабл-дабл од 14 поени и 10 скока. Во своето деби Ти-Џеј Шортс запиша осум поени, осум асистенции и четири скока, ист број на поени имаше Стојан Ѓуроски.
. Се беше познато по првото полувреме по кое Македонија водеше со 34-18. Норвешка поведе на стартот, по што следеше одговор од „црвено-жолтите“ за водство од 9-3. Во овој дел најголемата позитива беше плус седум (16-9), додека во втората четвртина плус 17 (32-15). Токму во овој период, Норвешка постигна само седум поени.
Ништо не се промени ниту по одморот, на теренот доминираше само едно екипа – Македонија. Нашите кошаркари не дозволија пресврт, со поените на Магдевски во 29 минута беше 44-26.
На пет минути до крајот беше 55-32, Македонија отвори со 10-3 и стави печат на победата. Раното убедливо водство беше причина за да Јончевски им даде шанса на сите кошаркари.