Македонскиот репрезентативен стопер, Дарко Велковски, ќе бара нова средина за следната сезона и е на излезни врати на Ал Етифак. По една сезона мината во Саудиска Арабија, работите драстично се променија.
Нов тренер на тимот е Стивен Џерард, доведени се неколку звучни засилувања како Џордан Хендерсон и Муса Дембеле, па и амбициите пораснаа. Сепак, Велковски многу веројатно нема да дочека да заигра со овие ѕвезди, бидејќи англискиот тренер не смета на неговите услуги за новата сезона. Македонскиот стопер има договор уште една година, меѓутоа е во потрага по нова средина каде што ќе може редовно да игра, наместо да мине сезона надвор од терените.
Велковски се пресели во Ал Етифак минатиот август, како слободен агент по настапите за Ријека. Сепак, во Саудиска Арабија стоперот не се изнаигра, запиша само петнаесет настапи за клубот. Кога беше здрав и подготвен, Велковски беше стандарден, меѓутоа неколкуте повреди го исфрлија од ритам. Сега, Џерард има други замисли во кои го нема Македонецот. По подготовките во Хрватска, Велковски наместо во Саудиска Арабија допатува во Скопје и веројатно веќе со своите агенти бара нов клуб.