Македонската репрезентација постојано бркаше негатива и приклучок. Примивме гол во последната секунда од првото полувреме кога при негатива од 9-10 имавме акција и удар на гол за израмнување, но противничкиот голман одбрани, а одбиената топка заврши со контра и реализација со звукот на сирената за 9-11 на паузата.
Слично заврши и вториот дел, без разлика што во текот на тие 30 минути Норвешка успеа да се одлепи и на плус шест. Завршиот бран и обид за пресврт почна на средина од 56. минута, кога Норвешка поведе со 24-20.
Македонија направи серија од 4-1 и се доближи на 25-24, а на шест секунди до последниот свиреж, среќата натежна на страната на Скандинавците, па наместо наш напад за изедначување на 26-26, тие погодија за печат на мечот и конечни 27-25.
Македонските ракометари одиграа квалитетна одбрана и дадоа повод да веруваме дека може да се дојде до победи во преостанатите два дуела в петок со Црногорците и в сабота против Грузија. Toa ќе биде клучно, имајќи предвид дека првите две места не носат во главната рунда од првенството.
Денеска Мирче Калајџиески го предводеше нападот со седум гола, по три постигнаа Дамјан Митев и Андреј Стојановски, додека голманите Иван Галевски и Давид Брестовац имаа по три интервенции. Најголем проблем за нашата одбрана беше левото крило Мариус Олсет со девет од девет.