Македонските ракометари до 19 години ја запишаа и втората победа на СП во Хрватска и го заверија пласманот во главната рунда, меѓу топ-16. Денешен противник беше аутсајдерот во групата Ф, Грузија, која сепак пружи достоен отпор и ја совладавме „само“ со 27-21.
Победата беше рутинска, и без поголеми напори. Македонија, со брза серија дојде до 5-1, потоа и до 9-4, но сепак нападот почна да се мачи со реализација, па Грузијците се доближија на 2-3 гола, разлика до крајот на првиот дел.
Раде Стојановиќ им даде поголема шанса на ракометарите кои почесто се на клупа, па во таков избалансиран состав се истакнаа Ненад Белистојановски и Дамјан Субашевски со по шест гола. Играч на натпреварот беше Иван Галевски, кој бранеше цел време и запиша 11 интервенции.
Со тесен пораз од Норвешка во првото коло (25-27) и победи над Црна Гора (29-20) и оваа над Грузија, Македонија ќе заврши втора во групата Ф и во главната рунда ќе вкрсти во новоформираната група каде што ќе бидат Данска и Австрија, покрај нас и Норвешка.