Македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски, имаше блескава партија во синоќешната победа на неговиот Порто. Во пресметката на домашен терен против Целје (32-30) во меч од ракометната ЛШ, Митревски беше извонреден на голот за што најдобро говорат неговите 14 одбрани.
Ова беше една од неговите најдобри партии во последно време, во која имаше и една спектакуларна одбрана во стилот на Спајдермен. Митревски на чудесен начин ги спречи ракометарите на Цеље да реализираат атрактивен цепелин и тоа со уште поатрактивна интервенција, која веднаш им „падна во очи“ на луѓето од ЕХФ.
„Ќе беше прекрасен гол, но Митревски имаше други планови“, беше коментарот на ЕХФ на објавата со видеото од одбраната на нашиот голман.
Порто со овој триумф остана во игра за пласман во следната фаза со оглед што е седми во групата Б со осум бодови, еден помалку од Висла, која е на последната позиција што води во осминафиналето.