Уругвајската ѕвезда вредна сто милиони евра Дарвин Нуњез, кој во минатата сезона беше силно оспоруван, ги расплака навивачите на домашните, вечерва „Сент Џејмс Парк“. Нуњез постигна два гола во последните десет минути за џиновски пресврт и победа на Ливерпул на гости кај Њукасл со 2-1 остварена со фудбалер помалку.
Германскиот стратег Јирген Клоп очигледно наметна германски менталитет во Ливерпул, зашто сѐ изгледаше загубено за „црвените“, откако останаа без Вирџил Ван Дајк во 28-та минута, три минути откако Ентони Гордон даде водечки гол за Њукасл, а црно-белите погодија и две стативи, беа далеку подобри, но Ливерпул не се предаваше.
Клоп во 77-та минута го внесе Уругваецот во игра, го засили нападот и Нуњез испадна – херој. Во 81-та минута го искористи единствениот кикс на извонредниот Свен Ботман за да израмни, а потоа во 93-та минута го замолкна „Сент Џејмс Парк“ со втор гол за пресврт и голема победа.
За Ливерпул ова е втора победа сезонава и сега е во групата со по седум бода при врвот како и Вест Хем, Тотенхем и Арсенал, а само првакот Манчестер сити има максимални девет бода. Њукасл со вториот пораз има само три бода по три кола и е 13-ти.