Поранешниот фудбалски репрезентативец на Македонија Иван Тричковски ја отвори серијата оваа сезона за АЕК Ларнака во неверојатно „лудиот“ натпревар против Етникос Ахна кој заврши реми 5-5.
Тричковски кој е најдобар стрелец во историјата на кипарскиот клуб погоди во 30-та минута во спектакуларното прво полувреме со осум гола. Тој израмни на 3-3 откако АЕК се најде во негатива од 1-3, полувремето заврши 4-4, а потоа пет минути пред крајот излезе од игра.
Фран Сол беше прва ѕвезда на натпреварот со четири од петте гола за АЕК, додека хет-трик даде Мариос Лиа за Етникос, за кој од 51-та минута настапи друг македонски интернационалец, Стефан Спировски, кој летово го засили овој кипарски клуб.
АЕК во 90-та минута даде и шести гол за победа, но ВАР им го поништи.
Македонскиот двоец во Докса, Дамјан Шишковски – Душко Трајчевски за малку ќе го сопнеа првакот Арис, кој со пенал на седум минути пред крајот дојде до втор гол за победа со 2-1.