Челзи се најде во најголемата криза од своето повеќе од еден век постоење откако Велика Британија му стави санкции на газдата Роман Абрамович и му го замрзна сиот имот, па клубот сега е доведен на раб на пропаст, откако синоќа и банкарската сметка, како и бизнис кредитните картички на клубот се блокирани. Сето тоа е зашто Челзи сѐ уште е во сопственост на Абрамович и негов имот како стоотстотен акционер.
Поради санкциите клубот сега е доведен да нема пари за нафта за клупскиот автобус, за најобични тековни трошоци, а поголем проблем е неисплатата на плати, зашто никој не знае како ќе се одвива ситуацијата и ако таа се одолговлечи, незадоволството кај фудбалерите уште повеќе ќе кулминира.
Но, „Телеграф“ повикувајќи се на свои извори посочува дека ѕвездите веќе ангажирале адвокати околу опцијата за раскинувања на договорите, зашто не се сигурни дека клубот ќе продолжи на ист начин како во ерата на Абрамович. Тоа што е сигурно е дека експресно нема да добијат раскини, но ако сето ова се одолговлечи, тогаш автоматски би им следувале после два месеци неисплаќања на плати.
Синоќа доцна навечер излезе информација дека Абрамович и британските власти постигнале договор за да продолжи процедурата околу продажбата на клубот, што е добра вест, но проблем е што најмалку за четири, а најмногу за шест недели би се завршило сѐ и прашањето е како дотогаш би продолжило функционирањето на клубот, ако од сите страни е блокиран, а патев веќе загуби еден џиновски спонзор во телекомуникацискиот гигант „Три“, кој даваше по 40 милиони евра годишно.
Инаку во моментов клубот не може да преговара за нови договори, па пет фудбалери со кои „сините“ и преговараа за нови договори, од лето би биле слободни, меѓу нив Цесар Аспиликуета, Андрес Кристенсен, Антонио Рудигер, сите од дефанзивата.
Хаосот во Западен Лондон доаѓа во ек кога Абрамович веќе преговараше за да го продаде клубот и се најавуваше многу брзо примо-предавање на новиот газда, а парите требаше да ги даде во хуманитарни цели за Украина.
Рускиот олигарх кој доби санкции поради блискост со Владимир Путин го купи Челси за 190 милиони евра пред две децении и потоа го изгради во европски гигант и великан, со пет премиерлигашки титули и две европски круни. А, пред него, „сините“ имаа само една шампионска титула во скоро еден век постоење.