Не постои клуб во Европа кој не би сакал да го види Ерлинг Халанд во своите редови. Еден од најдобрите млади напаѓачи на денешницата на лето дефинитивно ќе ја напушти Борусија Дортмунд со оглед на тоа што според претходно постигнатиот договор со клубот ќе биде во позиција да ја промени средината за 75.000.000 евра. Долго време се пишуваше за Барселона како главен кандидат за неговиот потпис, но во последно време по бројни информации се добива впечаток дека норвешкиот репрезентативец бира помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити. Англискиот Дејли Мејл го пренесува своето сознание дека 21-годишниот напаѓач на крајот ќе ја избере понудата на Граѓаните.

Според нивни извори од Германија, се очекува Оланд да ја прифати понудата од „Етихад“, како и дека веќе се договорени условите за соработка и дека само се чека челниците на англискиот шампион да дадат зелено светло за трансфер.

Иако откупната клаузула во договорот на норвешкиот репрезентативец изнесува 75.000.000 евра, Сити ќе мора да издвои значително поголема сума. Како што се наведува, Граѓаните ќе треба да уплатат провизија на сметката на агентот на Халанд, Мино Раиола, па со бонусот за потпишување на договорот вкупниот цех би требало да изнесува околу 120.000.000 евра. Тоа нема да биде проблем за клубот од Манчестер кој на врвот на листата на приоритети за следниот преоден рок го стави ангажирањето на напаѓачи.

Дејли Мејл посочува и дека актуелниот шампион на Англија се откажал од ангажирање на лев бек до понатамошно известување, за да ги насочи сите ресурси кон доведување квалитетен голгетер. Се уште не е пронајдена валидна алтернатива за Серхио Кун Агуеро, кој минатото лето го напушти клубот, а потоа се пензионираше поради здравствени проблеми.

Врската која ја има семејството Халанд со Манчестер Сити покажува дека трансферот во Сити навистина би можел да се реализира. Во периодот од 2000 до 2003 година, таткото на Ерлинг, Алф Инге играше за овој клуб, забележа 45 настапи и постигна три гола. Дејли Мејл наведува дека тој останал приврзан за клубот, а тоа им помогнало на Граѓаните да ја победат пеколната конкуренција и да го убедат одличниот напаѓач да се пресели на Етихад.