Херојот од саботната пресметка со Италија, Енис Барди, новиот македонски капитен укажува дека еуфоријата после одличниот резултат како нов почеток на националниот тим сите ги радува, но мора да се заборави. На дуелот против Малта мора да се истрча со ладни глави и со ист пристап како против европскиот првак за да се запише нова победа.
Македонија во март ја победи Малта, многу потешко од очекуваното, но сега осоколени црвено-жолтите, се решени да одиграат на највисоко ниво за втор триумф во оваа „група на смртта“ со што би останале во трката за највисок пласман во овие евроквалификации.
„Без обединетост нема добар резултат. Таа наша сплотеност ни донесе бод со Италија, јас сум среќен за голот. Сега нѐ чека Малта, малку време имавме за подготовка и мора сите да ја заборавиме Италија. Еуфоријата радува, не може да се опише, ама мора тоа да го заборавиме, зашто пред нас имаме голем тест во кој мора да влеземе со ладни глави“, вели Барди.
Тој посочува дека само со максимален и сериозен пристап можеме до добар резултат.
„Селекторот секогаш ни налага како да се движиме, на која позиција да играме, но ние сите знаеме колку ни значи секој натпревар и во сите влегуваме со сто отсто, на крај ќе извлечеме добар резултат. Знаеме што нѐ чека, наше е сите да дадеме сѐ од себе, а јас како и секогаш сум максимално подготвен да одговорам на барањата на селекторот и стручниот штаб“, додаде Барди.