Немили сцени се случуваа вчера во квалификациите за СП во Јужна Америка. Аргентинскиот виртуоз Лионел Меси беше плукнат на мечот меѓу Аргентина и Парагвај од парагвајски фудбалер а по натпреварот меѓу Бразил и Венецуела фановите на „кариоките“ со картонска кутија го удираа Нејмар во главата.
Фудбалерите на Бразил ги разочараа своите навивачи и одиграа само 1-1 против Венецуела, а главна цел одново беше капитенот Нејмар. Јасно беше дека Бразилците не се задоволни од ремито, па главниот виновник за ваквиот резултат го најдоа токму во поранешниот ас на ПСЖ и Барса.
Додека сегашната ѕвезда на Ал Хилал го напушташе теренот, еден од навивачите го удри во глава со картонска кутија за пуканки, што ги шокира присутните на теренот. Нејмар веднаш реагираше и погледна кон трибината, и почна да ги пцуе навивачите на Бразил кои продолжија да го провоцираат и жестоко да го исвиркуваат.
На крајот, останатите играчи на Бразил некако го турнаа Нејмар во тунелот и го одведоа во соблекувалната за да го смират бидејќи беше јасно колку е лут поради сцената што му се случи дома.
На овој натпревар Бразил водеше со 1-0 од 50. минута со голот на Габриел на асистенција на Нејмар, но гостите успеаја да го шокираат домашниот тим во 85. минута, откако Бело постигна гол за 1-1, што беше и конечен резултат на овој натпревар.