Фудбалската репрезентација на Аргентина на домашен терен триумфираше над Парагвај со 1-0 во третото коло од квалификациите за СП, но натпреварот го одбележа срамниот потег на Антонио Санабрија, кој го плукна Лионел Меси. По натпреварот аргентинскиот ас го „закопа“ со една реченица.
Пред преполниот „Монументал“ во Буенос Аирес, Аргентинците успеаја да дојдат до нова победа и три бода против секогаш непријатните Парагвајци, а прашањето за победникот беше решено на почетокот на натпреварот. Стрелец на единствениот гол беше Николас Отаменди, на додавање на Родриго Де Пол.
Во вториот дел на теренот влезе Лионел Меси кој штотуку заздрави од повредата. Членот на Интер Мајами се најде во центарот на вниманието во самиот финиш кога имаше вербална пресметка со гостинскиот напаѓач Санабрија кој го шокираше светот со својот срамен потег.
По кратката дискусија, Санабрија плукна во правец на капитенот на Аргентина, што го шокираше фудбалскиот свет.
Меси не виде што направи Парагваецот, но откако дозна даде свое видување.
„Санабрија? Ми кажаа во соблекувалната дека некој ме плукнал. Вистината е дека не ни знам кое е тоа момче. Претпочитам да не зборувам, бидејќи во спротивно тој ќе оди да раскажува насекаде и ќе стане познат“, рече Меси.
Инаку, Санабрија своевремено беше дел од Барса, но како момче и никогаш не доби шанса во првиот тим. Играше за Сасуоло, Рома, Спортинг, Бетис, Џенова и Торино за кој настапува и денес.