Младата фудбалска репрезентација до 21 година ремизираше (1-1) против Украина на комплексот „Петар Милошевски“ на ФФМ. Тоа е трето реми за селекцијата на Драган Канатларовски, но и продолжување на серијата без пораз.
Украинците поведоа пред крајот на првото полувреме со голот на Сирота, откако тој скокна највисоко по корнерот од левата страна и со удар со глава ја затресе мрежата на Давид Денковски.
Во вториот дел Канатларовски одлучи да промени нешто во тимот и тоа даде резултат. Во игра ги внесе Марио Илиевски и Лука Станковски кои донесоа многу повеќе агресивност и желба да се загрози противничкиот гол. Тоа дефинитивно и недостигаше на Македонија во првото полувреме.
Во 58.минута, откако беа притиснати со пресинг – игра во сопственото поле, Украинците направија грешка, топката ја одзема Томче Гроздановски и излезе сам пред противничкиот голман, пласирајќи крај него за 1-1.
До крајот, Македонија имаше уште една убава можност во 78. минута, кога Хајдари сакаше да пронајде осамениот Лука Станковски, но украинската одбрана расчисти во последен момент.
Украинците двапати ја погодија гредата, вториот пат шутираше Бондаренко во 93.минута и можеше да донесе триумф.
На 16 ноември, младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година ќе го пречека големот фаворит Франција на арената „Тодор Проески“ во Скопје.