Лука Дончиќ на стартот од НБА сезоната има просек од скоро 40 поени. Ѕвездата на шампионот Денвер нагетс, Никола Јокиќ, пак го оствари вториот трипл-дабл сезонава и го предводеше својот тим до четвртата победа во новата сезона.
Денвер со 110:102 ја совлада Јута џез, а Јокиќ натпреварот го заврши со 27 поени, 11 асистенции и 10 скока.
Ова беше вкупно 107-ми трипл-дабл во кариерата за Јокиќ, со што се израмни со Леброн Џејмс на вечната листа.
„Тоа зборува за неговата големина, тој од вечер во вечер игра на екстремно високо ниво. Ако во нешто можат да се споредуваат Леброн и Јокиќ, тогаш тоа е нивниот талент сите околу нив да ги прават подобри“, изјави Мајк Мелоун, тренерот на Денвер нагетс, кој на стартот има перфектен скор 4-0.
Одлична партија одигра и Џамал Мареј со 18 поени и 14 асистенции, а Арон Гордон даде 21 поен. Кај Јута се истакнаа Финецот, Лаури Марканен со 27 поени и 14 скока и Вокер Кеслер со 22 поени и 12 скока.
На стартот од сезоната одлично игра и Лука Дончиќ. Далас Маверикс, кој заедно со Денвер се единствените екипи од Западната конференција без пораз, утринава со 125:110 го совлада Мемфис гризлис. Дончиќ одигра фантастично и со 35 поени, 12 скока и 12 асистенции дојде до 58-миот трипл-дабл во кариерата. Дончиќ во првите три натпревари сезонава постигна 117 поени, односно во просек по 39 поени.
Шутерски расположен беше и Стеф Кари, кој со 42 поени го предводеше Голден стејт вориорс до триумф од 130:102 над Њу Орлеанс пеликанс.
По поразот од Атланта, Милвоки Бакс се разбуди и одигра одличен меч против Мајами кој го доби со 122-114. Лилард имаше солидно издание со 25 поени, подобар од него беше Адетокумбо со 33 поени, најефикасен на теренот беше гостинскиот кошаркар, Хиро кој постигна 35 поени.
Резултати:
Шарлот – Бруклин 121:133, Индијана – Чикаго 105:112, Атланта – Минесота 127:113, Торонто – Портланд 91:99, Мемфис – Далас 110:125, Милвоки- Мајами 122:114, Њу Орлеанс – Голден Стејт 102:130, Оклахома сити – Детроит 124:112, Денвер – Јута 110:102, ЛА лејкерс – Орландо 106:103.