Македонската фудбалска легенда Горан Пандев во интервју за српски „Спортал“ откри непознати детали од неговата кариера. Зборуваше за понудата од Црвена Звезда, но и за споредбата со поранешниот македонски голгетер Дарко Панчев.
Пандев во текот на кариерата освои многу титули, меѓу кои и Лигата на шампиони со Интер, додека со Македонија играше на Европското првенство, а кажа дека му е жал што Панчев не му помогнал на македонскиот фудбал.
„Ќе имав подобри резултати со репрезентацијата ако не пропуштев дел од натпревари поради проблемите со Фудбалскиот сојуз. А за Панчев, тој во свое време беше најдобар. Сепак, жал ми е што не му помогна на македонскиот фудбал. Такво име како него можеше многу да помогне, но жал ми е што не се случи тоа“, вели Пандев.
Поранешниот капитен на македонската селекција откри за „Спортал“ дека имал понуда и од Црвена Звезда пред да се пресели во Интер.
„Додека бев дете, имав понуда од Ц. Звезда и Олимпијакос, но претседателот на Беласица не сакаше да ме пушти. Имав само 15 години, а потоа стигна повикот од Интер и останатото е историја“, открива бившиот репрезентативец.
Пандев рече и дека би сакал да ја почувствува атмосферата на вечното српско кошаркарско дерби меѓу Ц. Звезда и Партизан, за кое му зборувал и првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ.
„Партизан и Ц. Звезда се големи клубови во Европа, но и во регионот. Во фудбалот е поразлично, но секако тие тимови доминираат и во фудбалот, а најмногу ги следат во Македонија“, кажа Пандев.
Интервјуто на Горан Пандев за српски „Спортал“ може да го прочитате ОВДЕ.