На Стемфорд Бриџ во Лондон, екипите на Челзи и на Манчестер сити вечерва одиграа спектакуларен натпревар со осум голови, најдобар сезонава а можеби и во последните пет-шест години во Премиер лигата. На крајот екипите ги поделија бодовите со неверојатен резултат 4-4.

„Граѓаните“ беа многу поблиску до триумфот, кој ќе беше седми по ред во пресметките со „сините“ од Лондон, но не им помогна ниту фактот што дури трипати беа во водство. Ерлинг Халанд со својот прв гол вечерва го отвори резултатот во 25. минута, но Тијаго Силва и Рахим Стерлинг во следните десетина минути постигнаа два гола за домаќинот за резултатски пресврт. Аканџи во судиското продолжение од првото полувреме го изедначи резултатот. Второто полувреме започна со вториот гол на норвежанецот Халанд за второ водство за гостинскиот тим. Тоа не ги разочара лондонските сини, кои со голот на Џексон во 67. минута повторно го изедначија резултатот, по што следуваше пеколен финиш.

 

Родри по асистенција на Халанд во 86. минута донесе и трето водство за Сити, кое, сепак, не му донесе триумф. „Виновник“ за тоа е поранешниот фудбалер на овој тим, Кол Палмер, кој во 95. минута ладнокрвно го изведе оправдано досудениот пенал, за резултат кој дефинитивно беше најреален.

Актуелниот англиски шампион со овој бод одново е осамен на врвот од табелата со 28 бодови по 12 премиерлигашки кола, еден повеќе од Ливерпул и Арсенал, а два повеќе од Тотенхем. Челзи, пак, се искачи на десеттата позиција со 16 бодови.

https://twitter.com/i/status/1723770131233308711