Во летото 2018 година, Барселона го донесе Фелипе Кутињо од Ливерпул во трансфер кој изнесуваше 135 милиони евра и со бонуси може да порасне над 160 милиони евра. Бразилскиот фудбалер набрзо се покажа како лоша зделка за каталонскиот клуб, а во последно време повеќе се пишува за него во контекст на конфликти и непослушност отколку за неговите игри.
Шпанските медиуми неодамна објавија дека некои од истакнатите играчи на Барселона се кренале против Кутињо и дека ова не е прв пат. Причина за тоа беше неговото однесување на мечот против Селта кога тогашниот привремен тренер Сержи му порача да стане од клупата и да оди на загревање бидејќи ќе го замени повредениот Ансу Фати.
Тој на крајот не влезе во игра, наводно поради одговорот што го дал на командата на тренерот. Тој му рекол: „Нема потреба да се загревам, сепак ќе биде полувреме“.
Неговите игри и неговото однесување се едни од причините поради кои новиот тренер на Барселона Чави, пишуваат тамошните медиуми, го прешкртал од списокот на играчи на кои ќе се потпира. Оние кои нема да бидат на тој список ќе завршат на списокот на играчи кои клубот ќе се обиде да ги продаде во јануари.
Според Sport, Кутињо е решен да не биде меѓу таквите. Доаѓањето на Чави го гледа како нова можност за докажување и не сака да влегува во преговори со клубовите кои го бараат. Договорот со Барселона го обврзува до крајот на следната сезона.