Актуелниот светски шампион го паркира својот Мерцедес на десеттото стартно место пред почетокот на трката во Сао Пауло (поради пет позиции казна), но ниту тоа не беше проблем на крај да стигне до победа. Прво, стартуваше добро и веќе во вториот круг беше петти. За тоа време, Ферстапен напред доминираше, анулирајќи ја пол-позицијата на Валтери Ботас уште по првите неколку стотина метри од стартот.
Не само тој, туку и клупскиот колега од Ред бул, Серхио Перез го престигна Финецот, па австрискио тим имаше 1-2 водство во првите 20-тина круга. Во нив имаше и мали инциденти, па се појави еднаш безбедносното возило, еднаш имаше и „виртуал сејфти кар“ и дури потоа почна вистинското надмудрување.
Хамилтон прво го престигна Перез и дојде до второто место, но тоа не беше клучно за неговиот триумфален пробив. Мерцедес ја доби трката со подобра стратегија, со подоцно влегување во боксот, но и самиот болид на Хамилтон делуваше помоќно и изгледаше дека подобро „се согласува“ и со гумите и со патеката, која на хартија требаше да му одговара на Ред Бул.
Првиот конкретен напад на Британецот се случи во 48. круг, но Ферстапен даде толку силен отпор, што за момент и двајцата излегоа од асфалтот. Успешен беше третиот напад на Хамилтон, во 59. круг, па по кратко наттркување, Ферстапен почна да заостанува. Ботас заврши трет, бележејќи го својот десетти подиум оваа сезона, а Перез падна на четвртото место, утешен само со дополнителниот бод, од најбрзиот круг на трката.
Со овие 25 бода, Хамилтон ја намали предноста на Ферстапен на 14, во пресрет на завршните три трки од сезоната. Она што е еднакво важно е зголемената предност на Мерцедес во пласманот за конструктори. Пред овој викенд имаше само еден бод повеќе од Ред бул, сега се десет. Во бодови завршија уште и Леклер, Саинц, Гасли, Окон, Алонсо и Норис. Следната трка, во Катар, се вози на 21 ноември.