Актуелниот шампион во Формула 1, Ред Бул Макс Верстапен, е победник на Големата награда на Саудиска Арабија, втората трка во сезоната. Во напната борба, сепак тој успеа да заврши пред Шарл Леклер од Ферари, победникот на првата трка сезонава во Бахреин. На подиумот се најде и Карлос Саинц, тимскиот колега на Леклер.
На четвртото место е Серхио Перез (Ред Бул), кој прв ја стартуваше денешната трка. До бодови стигнаа и Џорџ Расел (Мерцедес), Естебан Окон (Алпин), Ландо Норис (Мекларен), Пјер Гасли (Алфа Таури), Кевин Магнусен (Хаас) и Луис Хамилтон (Мерцедес). Хамилтон ја започна трката 15-ти и не успеа да се искачи повеќе од 10-то место.
Леклер, кој ја започна трката од второто место, профитираше во 16-от круг и го презеде водството кога на патеката излезе безбедносно возило.
Тоа водство го држеше до 42-от круг, кога Макс Верстапен тргна во опасни напади. Накратко успеа да го претекне, но Леклер веднаш си ја врати позицијата. Сепак, пет круга подоцна, Верстапен претекна уште еднаш, но овојпат го задржа првото место во преостанатите три круга.
Првото и второто место на воведните две трки се доволни за возачот на Ферари да го заземе првото место во генералниот пласман со 45 бодови, со оглед на тоа што го извозе најбрзиот круг во двете трки и доби два дополнителни поени. На второ место е Карлос Саинц Јуниор со 33 поени, додека Макс Верстапен е на третото место со само 25 освоени поени денеска бидејќи на првата трка заврши претпоследен поради проблем со автомобилот.