Големиот „воин“ Aријан Адеми издржа 60 минути на теренот во Палермо против Италија, а во вторник повторно ќе биде голем адут на селекторот Благоја Милевски и во финалниот бараж дуел против Португалија.
Кој ќе победи – оди на Светско првенство. Поголем мотив нема, а Адеми вели дека Португалија е врвна репрезентација и опасноста ќе доаѓа од сите страни. Но, и Македонија е подготвена за нова сензација.
„Ќе играме против селекција која има голем индивидуален квалитет, опасни се од сите страни и тешко е да се надигрувате со нив. Но, мислам дека можеме да го најдеме вистинското решение и ќе дадеме се од себе за пласман на Светското првенство. Имаме уште два дена да се подготвиме на најдобар начин“, вели Адеми во разговор за „Ал Џазира“.
Фудбалската репрезентација на Македонија попладне патува за Порто, а мечот во вторник на „Драгао“ е закажан во 20.45 часот.