Фудбалерите на Милан со победа го отворија 16. коло од италијанскиот шампионат, првакот од пред две сезони со сигурни 3-0 го совлада тимот на Монца и ја оствари јубилејната десетта овосезонска победа.
Рејндерс уште во третата минута беше стрелец за водство на миланезите од 1-0, но првото полувреме го одбележа младиот Србин, Јан Карло Симиќ. Младиот 18-годишен дефанзивец во игра влезе во 24. минута, кога го замени повредениот Побега и својот деби настап во дресот на миланскиот гигант го зачини со гол на асистенција на Леао, во 41. минута.
На полувреме се замина со 2-0 за фаворитот, кој и во вториот дел не отстапи од офанзивната игра и продолжи со нападите. Пиоли во 67. минута направи три замени, а една од нив се покажа како вистинска, бидејќи нововлезениот Окафор во 76. минута се најде на вистинско место по центаршутот на ветеранот Жиру и ги постави конечните 3-0.
Следниот викенд Милан гостува кај Салернитана, додека Монца на свој терен ќе го пречека тимот на Фиорентина.