Кошаркарите на Денвер Нагетс им се вратија на победите во НБА лигата откако полесно од очекувањата го совлада Далас, со 130-104.

Она што беше неочекувано е најлошото издание оваа сезона на Никола Јокиќ кој досега не е на нивото од минатата натпреварувачка кампања. Србинот на терен помина 28 минути, но не успеа да дојде до двоцифрен ефект во ниедна статистичка категорија: 8 поени, 9 скока, 7 асистенции. Со оглед на високото водство на неговиот тим, Јокиќ ја преседе цела последна четвртина иако теоретски имаше шанси дури и за трипл-дабл.

 

Во негово „отсуство“, на сцена стапија останатите играчи на Денвер, па поефикасни од Јокиќ беа дури осуммина кошаркари. Пред сите Мареј со 22 поена, Гордон со 21 и Џексон со 20.

Лука Дончиќ на спротивната страна остана осамен, па на Далас не му беа доволни неговите 38 поени, 11 скока и 8 асистенции ни за пристоен пораз. Покрај него, единствен со двоцифрен ефект беше Данте Ексум, со 11 поени.