Челси со победа ја заврши најлошата година од 1991, но малку недостасуваше и крајот да биде разочарувачки за некогашниот англиски и европски гигант.
Во својот последен натпревар, „сините“ славеа на гостувањето кај Лутон со 3-2 иако на десетина минути пред крајот на основните деведесет водеа и со 3-0. Се чинеше дека се е готово кога Палмер со два и Мадуеке со еден гол го однесоа Челси на убедлива предност, па навивачите веќе ги запишаа трите бода на контото на својот тим.
Се очекуваше катастрофа па тоа како да беше аларм за фудбалерите на Лутон да почнат да играат. Прво, Адебајо постигна гол, но му беше поништен поради офсајд, а потоа Баркли и повторно Адебајо во период од шест минути се погрижија водството на Челси да се намали на само еден гол. До крајот, домашните играчи создадоа уште неколку шанси, ги погодија и пречката и стативите, беа на раб на голем пресврт, но сепак не успеаја трет пат да ја затресат мрежата на Челси.
Ова беше втор триумф по ред на „сините“ и трет на последните четири натпревари, но Челси се уште е далеку од врвот, на десеттата позиција со 28 бода. Лутон останува во зоната за испаѓање со 15.