Победниците од квалификациските групи можат да здивнат затоа што обезбедија пласман на Светското првенство. За преостанатите три места ќе се борат дури 12 селекции, а меѓу нив е и Македонија. Во иста конкуренција со четирикратниот светски шампион и актуелен европски првак Италија, но и со поранешниот европски првак Португалија.
Место за Катар преку баражот ќе бараат уште 12 селекции, од кои десет го освоија второто место во своите групи. Тоа се: Португалија (А), Шведска (Б), Италија (Ц), Украина (Д), Велс (Е), Шкотска (Ф), Турција (Г), Русија (Х), Полска (И) и Македонија (Ј). Има и две селекции, кои правото на бараж го стекнаа преку Лигата на нации. Тоа се Австрија и Чешка.
Носители се Португалија, Шкотска, Италија, Русија, Шведска и Велс, а овие селекции нема да можат да се сретнат во првото коло. Нивни потенцијални ривали се Полска, Македонија, Турција, Украина, Австрија и Чешка.
Победниците од првото коло ќе играат три финалиња за преостанатите три места за финалето на Светското првенство. Патот е пеколен. Ќе биде ѓаволски тешко да се стигне до Катар.
Поради високите температури во Катар, Светското првенство за првпат во историјата ќе се одржи во зимските месеци. Ќе трае од 21 ноември до 18 декември 2022 година.