Проблемите за каталонскиот гигант започнаа по само 11 минути игра кога Ерик Гарсија по една катастрофална грешка на Тер Штеген направи старт за кој заработи директен црвен картон.
Предноста од играч повеќе Монако брзо ja искористи со голот на Магнес Аклиуче пет минути по исклучувањето на Гарсија. Барселона и со играч помалку успеа да дојде до изедначување.
Ламин Јамал уште еднаш ја докажа одличната форма и големото мајсторство, па по една соло акција погоди во 28. минута. Со по еден гол на двете страни се замина и на паузата.
Добро изгледаше Барселона во продолжение без разлика што силите на теренот не беа изедначени. Сепак, во единствениот момент кога попуштија Илхеначе ги казни и донесе водство и победа за кнезовите од Монако на 20-тина минути пред крајот. Тој гол се покажа и како доволен за победа на домаќините.