Храбрата репрезентација на Фарски Острови е дебитант на Европското првенство, но уште еднаш оваа мала земја одушеви со ракометниот настап. Во првото коло Фараните тесно загубија од Словенија, а сега го освоија првиот бод во дуелот против Норвешка (26-26) после вистинска драма во самиот финиш.

Интересно е што малата островска земја беше рамноправен ривал цел натпревар на ракометниот див од Скандинавија. Повеќе од 50 минути играше егал со ривалот. Само еднаш Норвешка успеа да се одлепи на повеќе од два гола предност. По првиот дел беше 12-13 за Норвежаните, а првото поосетно водство во вториот дел за фаворитот дојде на пет минути пред крајот кога од 23-23, замина на 23-26. Сепак, Фараните режираа спектакуларен кам-бек, со три гола во низа дојдоа до 26-26. Голот за реми го даде Скипаготу на три секунди пред крајот.

Токму Скипаготу со пет гола беше најдобар кај Фарски Острови, го следеше Расмусен исто така со пет гола. Кај Норвешка, Блонц погоди осум пати, а Јоханесен имаше шест постигнати гола.

Шведска одигра моќно и ја оправда фаворитската улога против Грузија (42-26). Уште по првото полувреме кога на Грузијците дадоа само девет гола, беше јасно дека овој тим кој е аутсајдер на ЕП 2024 го чека катастрофа. Карлсон со седум гола беше најдобар кај „трите круни“, а Клар и Петерсон имаа по пет, додека кај Грузија, Арсенашвили погоди шест пати.

Убедлива беше и Данска во дуелот против јужниот сосед Грција (40-28). Скандинавците кои се први фаворити за златниот медал водеа од првата до последната секунда на натпреварот и немаше неизвесности. Дамгард со 11 гола беше најдобар стрелец кај победникот, а Кедерис и Боскос погодија по четири пати за Грција.

https://twitter.com/i/status/1746282683053814136