Реал и Атлетико Мадрид одиграа без победник (1-1). Атлетико беше долго време до самиот крај во негатива, но со голот на Маркос Љоренте во 93. минута освоија голем бод во „Ел Мадрилењо“.
Но од Реал се бесни на судијата Хозе Санчез Мартинез. „Кралевите“ сметаат дека требало да добијат пенал во три ситуации за време на дуелот со Атлетико. Клупската телевизија „Реал Мадрид ТВ“ направи анализа и го изнесе следното:
„Првиот мораше да се досуди кога Саул го сруши Лукас Васкез. Тоа е очигледен пенал, судијата беше совршено позициониран, ама не свирна, а не му се јави никој ниту од ВАР собата. Срамота е судиите да ги прескокнуваат овие ситуации. Савиќ го сруши Белингем. Англичанецот трчаше на долга топка, но Црногорецот му „заби“ лакт и го запре. Нема што да се зборува, ова е пенал голем како катедрала! Во последната ситуација Белингем одеше на центаршут од корнер, кога Маркос Љоренте со боречки зафат го запре. Да се нарече овој потег како „прегратка“ е правење на идиоти од луѓето кои слушаат, а ние тоа не сме. Џуд избори два пенали, а не доби ниту еден.
На сите наши навивачи им е јасно дека три од четирите градски дерби пресметки ги реши триото Алберола Рохас, Куадро Фернандез и Санчез Мартинез. За разлика од Атлетико, Реал не може да си дозволи такви играчи“, стои во објаснувањето на Реал Мадрид ТВ.
Првата ситуација беше при дуел на Саул и Лукас Васкез, додека втората и третата беа потенцијални фаули над Џуд Белингем. Судијата Санчез Мартинез во трите моменти сметаше поинаку од „кралевите“, а слична беше реакцијата и од ВАР собата.
По ова реми Реал води на табелата со 58 бода, два повеќе од Џирона која ја дочекуваат викендов, Барселона има 50, а Атлетико Мадрид 48.