Ливерпул во 24. коло од англиската Премиер лига го совладаа тимот на Барнли со 3-1 (1-1). Домашната екипа имаше многу повеќе од играта, но до победата дојде со одлична игра во второто полувреме.
„Црвените“ го отворија резултатот преку Диого Жота во 31. минута, но до истекот на полувремето Барнли успеа да се врати во игра. Стрелец беше Дара О’Шеј, кој во 45. минута го постави резултатот на паузата, 1-1.
Ливерпул ја оправда фаворитската улога и тргна во силен налет на стартот од вториот дел. Фудбалерите на Јирген Клоп атакуваа кон противничкиот гол, а тоа резултираше со уште два гола во мрежата на Барлни за потврда на уште една нова победа во Премиер лига.
Луис Диаз во 51. минута го врати водството на Ливерпул, а конечните 3-1 беа дело на уругваецот Дарвин Нуњез, кој во 79. минута го прекина голгетерскиот пост и со луциден удар со глава по корнерот на Диого Жота, кој беше најдобар играч на теренот и забележа гол и асистенција за својот тим.
Ливерпул стигна до шеснаесеттата победа сезонава и е лидер во Премиер лигата и има два бода повеќе од Манчестер Сити, но „граѓаните“ на Гвардиола можат да го преземат врвот, затоа што имаат одиграно еден натпревар помалку.
Фулам на домашен терен забележа триумф над Борнмаут со 3-1, а Шефилд Јунајтед го изненади Лутон и славеше на гости со 1-3. Брентфорд по подолго време прикажа солидна игра и извојува гостински триумф кај Вулверхемптон со 0-2, а Тотенхем во последната секунда од дуелот успеа да слави со 2-1 над екипата на Брајтон. Херој беше Бренан Џонсон, кој го постави конечниот резултат во 96. минута.