Во Лигата на шампионите гостите обезбедија победи над своите ривали и имаат огромна предност во реванш натпреварите на домашен терен.
Манчестер Сити првпат во историјата победи во Копенхаген и тоа со 3-1. На претходните два дуели во данската престолнина, одиграни во 2009 во Лигата Европа и во 2022 во Лигата на шампионите, беше нерешено (2-2 и 0-0).
Во главна улога беше Кевин де Брујне кој одигра совршена партија, постигна еден и асистираше за другите два гола на својот тим. Белгиецот го отвори резултатот во десеттата минута на асистенција на Фоден, а по израмнувањето на Матсон, на истекот од првото полувреме асистираше до Бернардо Силва во судиското продолжение за ново водство. Во судиското продолжение од вториот дел, повторно Де Брујне асистираше за Фоден и убедлива победа на Манчестер Сити.
Реал го преживеа тешкиот старт на дуелот против Лајпциг во кој прими гол, но тој беше поништен поради офсајд. Домаќините беа подобри во првото полувреме, но не успеаја да ја затресат мрежата на Лунин на регуларен начин, па казната за тоа стигна во 49. минута кога Брахим Дијаз во соло продор, со прекрасен гол го донесе Реал во водство од 1-0 што се покажа како доволно за победа.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас влезе во игра на 15 минути пред крајот, но го претрпе третиот пораз оваа сезона во дуелите со Реал од кои два во дресот на Наполи во групната фаза.
Клучниот момент во 48 минута кога Диаз постигна убав гол.
Реванш натпреварите се играат на 6 март во Манчестер, односно Мадрид, а вбо среда на програмата се уште два дуела, меѓу Лацио и Баерн, односно ПСЖ и Сосиедад.