Фудбалската селекција на Русија со несреќен автогол во клучниот натпревср со Хрватска остана без директно учество на следното Светско првенство, така што виза за Катар ќе брка преку баражот.
Во март следната година ќе се дознаат последните европски патници на Мундијалот, а можен противник на Русија во полуфиналето е и Македонија. Селекторот Валери Карпин ја посакува токму нашата селекција за прв ривал во баражот, но вели дека победата се извојува само на терен.
„Секако дека е важно каков противник ќе добиеме, но не можам да ја дефинирам во проценти. Сите велат дека најдобро е да ни се падне Македонија. Веројатно таа ждрепка е најповолна за нас. Не мислиме само ние така, туку сите ја посакуваат Македонија. Но, тоа е само на хартија, на теренот треба да докажеме дека сме фаворити“, вели Карпин.
Ждрепката европскиот бараж за Катар ќе се одржи в петок, а можни противници на Македонија покрај Русија се и гигантите Италија, Португалија, како и Шкотска, Шведска, и Велс.