Македонскиот репрезентативен чувар на мрежата Столе Димитриевски за малку не ја сочува мрежата за победа без примен гол во шпанската Примера. Рајо на домашен терен дојде до победа против Мајорка (3-1), но прими гол во самиот финиш.
Домаќинот иако без најдобриот напаѓач Радамел Фалкао, одигра еден доста ефикасен натпревар. Даде три гола во мрежата на противникот и така си создаде мирна атмосфера во продолжението од средбата.
Со два брзи гола во 16. и 20. минута на Гвардиола и Гарсија, Рајо обезбеди предност од 2-0, а потоа во вториот дел, поточно во 63. минута реализираше и Фрејо. Кога сите чекаа крај, во 90-тата минута, нововлезениот Пратс успеа да го совлада Димитриевски и да ги постави конечните 3-1.
Рајо Ваљекано игра одлична сезона и по 14 одиграни кола котира на високото шесто место во Примера. Ова беше прва победа за тимот по три кола без успех.