За првпат по 8 ноември 2023, Бостон Селтикс се наоѓа во серија од два пораза откако на неуспехот во дуелот со Кливленд, го додаде синоќешниот во дербито со Денвер Нагетс.

Актуелниот шампион триумфираше со 115-109, и најави дека е подготвен да ја одбрани титулата и покрај тоа што Бостон го има најдобриот биланс во лигата и најверојатно во плејофот ќе стартува од првата позиција. Особено тоа важи за Никола Јокиќ кој повторно имаше блескава партија и го оствари 20. трипл дабл во сезоната и 125. во кариерата, постигнувајќи 32 поена, 12 скока и 11 асистенции за 39 минути на паркетот. Од игра шутираше 11/18, а од линијата за слободни фрлања ги погоди сите десет обиди.

 

Екипата на Денвер главно беше во водство, највисоката предност изнесуваше 11 поени, но победникот се одлучуваше во драматична завршница. Во финишот Бостон се приближи на еден посед, благодарение на двете тројки по ред на Џру Холидеј, но Јокиќ не дозволи пресвртот да биде комплетиран и со една фантастична асистенција ги уништи надежите на гостинот.

Предноста на Селтикс на врвот на Истокот и воопшто во НБА не е загрозена затоа што се уште се убедливо најдобар тим во лигата, но на вакви натпревари повторно се отвора дилема дали овој тим има шампионски менталитет и дали е подготвен да ја освои првата титула по пауза од 16 години. Џејлен Браун беше прв играч на Бостон на дербито, постигнувајќи 41 поен и 14 скока.