Барселона стигна до минимална победа против Мајорка со 1-0, а единствениот гол го постигна Ламине Јамал на мајсторски начин.
Јамал ќе наполни 17 години во месец јули, но суперталентот на Барселона игра фудбал како да има најмалку десет години повеќе и со своето знаење ја воодушевува цела јавност на Пиринеите.
Чави Хернандез, поради бројните проблеми со повредени играчи состави „крпен“ тим, со младиот Гују во нападот, а Кристенсен беше поставен во средината на теренот. Но, и покрај тоа Барса одлично го отвори натпреварот со Мајорка и уште во 23. минута ја имаше првата вистинска шанса за водство. По еден продор Рафиња беше соборен во гостинскиот казнен простор и Барса доби најстрога казна. Сепак, Рајковиќ со фантастична парада го одбрани ударот на Гундоган.
По промашениот пенал домашните влегоа во мала криза, која можеше да ги чини и водство на гостинот. Ларин во два наврати се најде во одлична ситуација за погодок.
Барса и во вториот дел подобро започна, но Мајорка беше таа која што ја имаше првата шанса, откако Муричи со глава ја погоди пречката. Веднаш потоа неуспешен обид имаше и Јамал.
Ламин постигна гол во стилот на Лео Меси и мајсторски ја смести топката во мрежата на Рајковиќ откако претходно го „измести“ својот чувар, а голот во 73-та минута се покажа како доволен за нови три бода.
На овој начин, Барса се погрижи за добра увертира за осминафиналниот реванш против Наполи во Лигата на шампионите, натпревар на кој каталонците ќе имаат голем број проблеми поради повредени фудбалери.