Барселона играше со Мајорка во рамките на 28. коло на шпанската Примера, а на резервната клупа се најде сенегалскиот дефанзивец Микаил Фаје. Ова не е ништо посебно за издвојување за пошироката јавност, освен за хрватските приврзаници на второлигашот Кустошија.
Клубот, кој до минатата сезона беше третолигаш, ова лето го продаде Фаје во Барселона за пет милиони евра, меѓутоа доколку неговата кариера оди по патот кој му го предвидоа, Кустошија може да заработи уште вртоглави дваесет.
Со тоа што името на Фаје се најде во записникот за натпреварот со Мајорка а тој на клупата за резерви, Кустошија ќе заработи милион и пол евра.
Што се однесува до другите бонуси, Хрватите би добиле по милион и пол евра за секои седум натпревари на Фаје во првиот тим на Барселона, но вкупната сума не може да надмине дваесет милиони. Исто така Кустошија има 20% од следната продажба на играчот, а Барса оваа зима веќе одби девет милиони евра од Ница за услугите на Фаје.