Фудбалерите на Борусија Дортмунд се пласираа во четвртфинале во Лигата на шампионите, откако дојдоа до злато вредна победа во реванш-пресметката на домашен терен против ПСВ (2-0).
Борусија Дортмунд имаше одличен старт на натпреварот пред преполните трибини на „Сигнал Идуна Парк“. Повратникот во тимот, Џејдон Санчо по само три минути игра изведе „магија“ од далечина и со прекрасен гол го отвори резултатот и на својот тим му донесе предност од 1-0
Стартот на вториот дел донесе две големи шанси на двете страни. Мален одново се најде во гол-ситуација, но одново биеше недоволно прецизно и силно, па Бенитез запиша нова интервенција. Само неколку минути подоцна на спротивната страна се закани Лозано, кој од голема далечина го изненади Кобел, но топката од пречката заврши во гол-аут.
Возбудувањата не сопреа, откако Лозано одново се најде во центарот на вниманието и повторно не погоди, додека на спротивната страна Филкруг доби „топка на тацна“ од страна на Мален, но завршницата со глава беше преблага за нова радост на трибините. Во 77. минута Филкруг не погреши од втора и ја затресе гостинската мрежа, но се јави ВАР и го поништи голот поради офсајд.
До крајот на средбата холандскиот првак напаѓаше со целиот арсенал, но Борусија успеа да се одбрани и заслужено патува меѓу најдобрите осум во европската фудбалска елита. Во петтата минута од судиското надополнување, кога ПСВ Ајндховен играше речиси без одбрана, Марко Ројс го искористи тоа и ги постави конечните 2-0.