Екипата на Атлетико Мадрид е последниот четвртфиналист во Лигата на шампионите, откако ја доби големата драма во реванш осминафинална пресметка против Интер со 3-2 по изведување пенали.
Јунак во таборот на „јорганчиите“ беше голманот Јан Облак, кој ги одбрани ударите од белата точка на Санчез и Класен, додека Лаутаро Мартинез како последен за својата екипа ја шутна топката надвор од голот. Миланезите долго ќе жалат за пропуштената шанса да се најде меѓу најдобрите осум европски екипи.
Првата шанса ја имаа домаќините преку Самуел Лино, меѓутоа Јан Зомер рутински одбрани. Потоа Интер ја презеде иницијативата и беше подобар ривал. Се обидуваа „нераѕурите“ да дојдат до водечки погодок, двојна шанса имаше Дензел Дамфрис. Водечкиот погодок беше дело на Федерико Димарко кој една одлична акција ја круниса со гол за 0-1 во 33. минута. Бекот добро втрча на пеналтикот и доби топка од Барела, па рутински го матира Облак.
Сепак, радоста на гостинот во Мадрид траеше многу кратко. Само три минути подоцна Атлетико се избори за израмнување. Топка се одби од блокот и стигна до Антоан Гризман, кој рутински погоди за 1-1.
Пенал-серијата тргна со головите на Чалханоглу и Депај, а потоа ударите на Санчез и Саул ги одбранија Облак и Зомер. Словенечкиот голман атрактивно го фати и шутот на Класен, по што следеше гол за предност на Родриго Рикелме. Во четвртата серија сигурни беа Ачерби и Кореа, па Лаутаро Мартинез беше трагичар и ја удри топката силно над голот.