Четата на Пеп Гвардиола е апсолутен фаворит против Андалузијците, без оглед што е без својот најдобар играч Кевин де Брујне, но главниот адут е Ерлинг Браут Халанд кој е незапирлив и покажа дека минатата сезона со 52 гола е зад него и дека уште погладен е за голови со двата на стартот на сезоната во Премиерлигата.
Севилја шест пати досега играше Суперкуп, но има само еден трофеј и тоа во дебито во овие пресметки со 3-0 против Барселона во 2006 година и оттогаш нема победено, со пет порази во овие суперкуп пресметки по ред, а да е традицијата уште полоша, никогаш Андалузијците не успеале да ги победат „граѓаните“. Во четири пресметки во досегашната историја, исто толку победи има англискиот клуб.
„Не може ни да замислите колку сме среќни што ќе го играме овој меч, зашто ја освоивме ЛШ. Мора да ја искористиме оваа шанса, зашто кој знае кога повторно ќе имаме ваква можност. Севилја не е лесен залак, зашто кога играат добро – победуваат. Имаат огромен карактер и одлучност, што значи дека ќе бидат опасни за нас и ние ќе мора да одговориме на највисоко ниво“, рече Пеп Гвардиола.
Дуелот се игра на „Јоргос Караисакис“, домот на грчкиот гигант Олимпијакос, во Атина, а без оглед што Севилја е апсолутен аутсајдер на дуелот, никој однапред не се предава во шпанскиот тим, кој е мајстор за Лига Европа и седми пат во мај стигна до трофејот во второто по ранг натпреварување.
„Иако играме против најдобриот тим во Европа, ние ќе се обидеме да ги имплементираме нашите идеи и да го играме нашиот фудбал. Сакаме да го покажеме најдоброто наше ниво, финалињата секогаш се комплицирани. Севилја има свои оружја, но мора да сме фокусирани само на нас и на тоа како да му направиме проблеми на Сити“, рече Хосе Луис Мендлибар, тренерот на Севилја.
Состави на екипите:
МАНЧЕСТЕР СИТИ: Ортега – Вокер, Аканџи, Гвардиол, Аке – Родри, Ковачиќ – Фоден, Алварез, Грилиш – Халанд
СЕВИЛЈА: Боно – Хесус Навас, Баде, Гудељ, Акуња – Џордан, Ракитиќ – Окампос, Сусо, Оливер Торес – Ен Несири