Поразот на Партизан во натпреварот од српското првенство на домашен терен против Напредак Крушевац (0-1) и понатаму ја разбранува не само српската туку и балканската јавност, поради неколкуте судиски одлуки на штета на црно-белите.

Најочигледна беше таа во второто полувреме, кога Немања Николиќ истрча сам пред гостинскиот голман, кој истрча дури до линијата од шеснаесетникот. Фудбалерот на Партизан прв дојде до топката, по што противникот буквално го збриша во трк, што единствено само за судијата не беше пенал чист како солза. Трагедијата да биде поголема, во Србија од оваа сезона постои видео асистент (ВАР), кој овој пат остана нем.

 

Оваа и неколку слични ситуации предизвикаа голем инцидент по средбата, во кој тренерот на Партизан, Игор Дуљај, се обиде да ги нападне судиите, чија соблекувална потоа беше демолирана од револтираните „Гробари“.