Ливерпул постигна гол уште во деветтата минута од реваншот во Бергамо, но не успеа да ја анулира големата негатива од првиот дуел против Аталанта, и е елиминиран од Лигата Европа.
На гостувањето, „црвените“ славеа минимален триумф, со 1-0, но тоа не беше доволно по оној дебакл пред своите навивачи со 0-3 минатата недела. Единствениот гол го постигна Мохамед Салах од пенал, Ливерпул потоа имаше уште неколку шанси, но не успеа да дојде до посакуваниот резултат.
Салах кон средината на полувремето се најде во идеална позиција за 0-2, но се посрамоти. Капитенот на египетската репрезентација излезе сам пред домашниот голман и се реши да шутира со лоб, но тоа го направи многу многу лошо, затоа што топката заврши покрај голот на Аталанта.Во второто полувреме Ливерпул имаше иницијатива, но не создаде посериозна шанса за нов гол и заслужено тука ги заврши настапите во второто по ранг натпреварување на УЕФА.
Рома и во вториот натпревар беше подобра од Милан во италијанската пресметка од Лигата Европа и на домашен терен триумфираше со 2-1. Се беше готово по 22 минути игра во кои мрежата на „росонерите“ ја погодија Манчини и Дибала, па погодокот на Габија во 85. минута не беше доволен. Рома скапо ја плати победата бидејќи уште во првото полувреме, поради повреда остана без Лукаку и Дибала.
Во полуфиналето се пласира и Баер Леверкузен кој ја продолжи серијата без пораз оваа сезона откако на гостувањето кај Вест Хем одигра нерешено, 1-1. Доволен беше триумфот во првиот дуел со 2-0 со што новиот германски шампион го продолжи својот сон за тројна круна оваа сезона.
Вест Хем одигра далеку подобар натпревар во однос на првиот дуел против Баер Леверкузен, но не успеа да ја анулира негативата од два гола и со ремито од 1-1 се прости од Европа. Стрелец на голот за „чеканите“ беше Антонио, додека за новиот шампион на Германија стрелаше Фримпонг во самиот финиш.
Во дуелот на поранешните европски шампиони, Олимпикк Марсеј по изведување на пенали ја елиминира Бенфика. Дуелот во регуларниот тек и по продолженијата заврши 1-0, а во пеналот рулетот Пау Лопез го одбрани ударот на Антонио Силва, а Ди Марија го погоди дирекот од неговиот гол.
РЕЗУЛТАТИ
Рома – Милан 2-1 (прв натпревар 1-0)
Аталанта – Ливерпул 0-1 (3-0)
Вест Хем – Баер 1-1 (0-2)
Марсеј – Бенфика 1-0 (0-1), на пенали 3-2