Кошаркарите на Олимпијакос забележаа огромна победа над Барселона во четвртиот натпревар од четвртфиналната серија во Евролигата, славејќи со конечни 92-58. Шпанскиот гигант делуваше потполно загубено во Атина, додека избраниците на Јоргос Барцокас се изборија за „мајсторка“ која ќе го даде патникот на завршниот турнир.
Олимпијакос со 34 поени разлика ја победи Барселона и изедначи на 2-2.
Клуч за дебаклот на Барселона во Пиреја беше вториот период кој Олимпијакос го доби со 32-14, на полувремето грчкиот тим водеше со 53-37.
Во вториот дел големата предност само дополнително ја зголемија за на крајот да се радуваат на исклучително убедлива победа од 92-58.
Мекисик со 21 поен беше најефикасен, Фал постигна 12, во составот на Барселона Паркер реализираше 10 поени.
Петтиот и решавачки натпревар од серијата ќе се игра во Барселона на 8. мај.
Многу возбудувања имаше на дуелот во Белград, помеѓу Макаби Тел-Авив и Панатинаикос. Домашните беа блиску до пласман на фајнл-фор турнирот, но грчки ПАО во последните минути од мечот дојде до победа од 88-95 и се избори за петти натпревар на домашен терен.
Во моментов само екипата на Реал Мадрид има обезбедено пласман на завршницата, откако со метла го елиминираше составот на Басконија. Последната двојка е Фенербахче – Монако, а составот од Истанбул има предност од 2-1.