Ракометарите на Вардар 1961 загубија во дуелот од осмото коло во Лигата на шампионите против Пик Сегед, на домашен паркет со 27-30. Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ мина во знакот на гостите, кои долго водеа и не си дозволија изненадување.
По дуелот, на прес-конференцијата својот став го изнесе предводникот на „црвено-црните“, Веселин Вујовиќ по петтиот последователен пораз на Вардар. Иако видно разочаран, стручњакот нагласи дека целта на клубот е пласман во нокаут рундата и се надева дека тоа ќе го исполни.
„Честитки до ПИК Сегед за заслужената победа. Јас сум многу разочаран, не од резултатот туку од начинот на игра. Напаѓачки правевме почетнички грешки. Тие се одлепија и потоа ја одржаа предноста. Немавме расположени играчи. Тие се во моментов подобри од нас, нивниот проект започна одамна и се борат за врвот. Кажав дека ќе дојдат тешки времиња, но и покрај тоа го делам разочарувањето со фановите. Наша цел е да минеме во втората рунда, се надевам ќе ја исполниме. Овој пораз е тежок, ама не е тука крајот. Жал ми е што не дадовме сè од себе. Можеби резултатот ќе беше ист, па затоа постојат различни лица во поразите. Јас дојдов во Вардар да го спасам, кога клубот беше речиси пред гасење. Јас не дојдов кога клубот имаше многу пари и фантастични играчи, а сега не е така. Реалноста на Вардар е таква, да се бори за петто или шесто во групата. Ако сметате дека некој тренер со ваков тим може да направи подобри резултати, слободно нека дојде, јас немам проблем со тоа“, изјави Вујо.
На стартот кажав да играме мирно и трпеливо на овој дуел и да не грешиме во напад, а тоа не се случи. Промашивме шест избрзани шутеви на стартот и тогаш започна конфузијата, па одевме од грешка во грешка. ПИК беше подобар речиси во сите сегменти и победи“, заврши Вујовиќ.