Боливија на свој терен триумфираше над Колумбија со 1-0 во дуелот од деветтото коло од квалификациите за Светското првенство.

Натпреварот се одигра во тешки услови за гостите, на надморска височина од 4.250 метри во градот Ел Алто, а домашните играчи подобро се снајдоа во таква атмосфера, па го забележаа третиот последователен триумф во квалификациите и сега од петтото место и 12 бода на нивното конто, тие сонуваат за место на Светското првенство, за прв пат од 1994 година.

Подвигот на Боливија е до толку поголем бидејќи Колумбија имаше играч повеќе уште од 21. минута, кога Куељар доби директен црвен картон. Решавачкиот гол во Ел Алто го постигна Мигелито во 58. минута. Тоа беше маестрален гол, фудбалерот на бразилски Сантош одлично се проби по десната страна, влезе кон средината, измами двајца чувари и со одличен удар со левата нога од околу 20 метри ја погоди мрежата.

За непобедливата Колумбија ова беше прв пораз од 1 февруари 2022 година, кога загуби од Аргентина. Боливија во следното коло од КОНМЕБОЛ квалификациите ѝ гостува на Аргентина за пет дена, додека Колумбија го пречекува Чиле.

Во Кито нерешено без голови заврши дуелот помеѓу Еквадор и Парагвај.