Жирона во вистинска голеада со 4-3 го совлада тимот на Леганес. Македонецот, Бојан Миовски изнуди пенал, но се повреди токму при тој старт врз него и предвреме го заврши натпреварот.

Миовски беше стартер на мечот, но и овојпат не успеа да постигне деби гол во Ла Лига, сепак даде допринос во победата.

Во првото полувреме Жирона со головите на Гутиерес и Мартинез на двапати водеше, но Леганес изедначуваше преку Тапија и Круз.

Во 60. минута врз Миовски беше направен старт на линијата од шеснаесетникот, па беше досуден пенал за Жирона. Македонецот беше заменет со Стуани кој го реализира пеналот за водство од 3-2 и при прославата отрча во прегратка на Македонецот.

На Миовски му се укажуваше лекарска помош по стартот, а потоа со потешкотија го напушти теренот иако сакаше да го шутира пеналот. Останува да се види дали се работи за посериозна повреда или ќе биде подготвен за мечот од Лигата на шампионите.

Во 73. минута Гонзалез си постигна автогол за водство на Жирона од 4-2, четири минути подоцна Мунир Ел Хадиди намали на 4-3 со прекрасен гол, но Леганес не успеа да се спаси од пораз.