Ракометна Македонија живее со националниот тим, а уште не започнало Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка. Навивачите од цела Македонија а и од дијаспората, т.н. „Македонска Фаланга“ полека како река се слеваат кон хрватскиот град  Вараждин и громогласно ќе им парира на Унгарците, кои се најавува дека ќе бидат побројни поради фактот што Унгарија е сосед на Хрватска.

Дуелот во рамките на групата во Вараждин што се игра вечерва, е соочување на два млади тренери, кои веќе оставаат трага во ракометната игра – Кирил Лазаров и шпанскиот стратег Чема Родригез.

„Унгарија е ракометна земја, секоја година има две силни екипи во Лигата на шампиони, Веспрем и ПИК Сегед и луѓето во Унгарија го сакаат ракометот. Чема Родригез донесе квалитет и напредуваат сè повеќе од година во година. Немаат слаба точка, тие се комплетна репрезентација.

Ние одработивме квалитетни подготовки, растеме како репрезентација и подготвени го дочекуваме ова Светско првенство“, рече селекторот Лазаров.

Нашиот Лазаров и Чема Родригез се големи пријатели, заедно играа во Сиудад Реал и двајцата градат успешна кариера и како тренери. Дуелот Македонија – Унгарија се игра вечерва од 20:30 часот.