Кошаркарите на белградски Партизан стигнаа до десеттата евролигашка победа сезонава, триумфирајќи на гостински терен кај Асвел со убедливи 62-93 во натпреварот од 21. коло. Победата на избраниците на Обрадовиќ е уште поголема, бидејќи е извојувана без неколку повредени и болни кошаркари.

Екипата на Партизан пред еден месец претрпе непријатен и болен пораз од Асвел на домашен терен во Белград, па имаше огромен мотив да се реваншира во Франција,  што успеаја целосно да го постигнат.

Српскиот великан режираше слатка одмазда и на брутален начин возврати за поразот од месец декември, славејќи во салата на Асвел со 62:93.

Огромната разлика од 31 поен во корист на белграѓани, доволно кажува за текот на натпреварот, па делува нереално како играчите на Обрадовиќ можеа да загубат на домашен терен од истиот тим.

Партизан имаше тотална доминација од почеток до крај и ја оствари најубедливата победа во Евролигата оваа сезона, а најзаслужни за истата беа Тајрик Џонс со 22 поени, Лундберг со 18 и Браун со 16 поени.

Гостите од Белград создадоа огромна разлика која екипата на Асвел немаше никакви шанси да ја достигне. На паузата кошаркарите на Жељко Обрадовиќ водеа со 45-34, а во вториот дел тотално го „демонтираа“ францускиот претставник и заслужено се враќаат дома со нови бодови.

 

Најефикасен во тимот на Асвел прво беше Мелвин Ажинка со 15 поени.

За Партизан ова е најубедлива победа во елитата од 2000 година.